Вежбањето и физичката активност секогаш биле препорака кога станува збор за справување со стрес и анксиозност и начин што ќе ни помогне да се справиме со негативните мисли и ќе ни го зголеми ендорфинот. И се повеќе се зборува за тоа дека физичката активност освен што е добра за нашиот надворешен изглед, е многу добра и за нашиот ум. Но, за некои луѓе, напорниот тренинг нема да ги направи порелаксирани или помалку анксиозни, туку напротив.
Може да им ги зголеми чувствата на вознемиреност кои тешко се смируваат, дури и откако тој тренинг ќе заврши.Тоа за многу луѓе знае да биде пресудно и да прекинат со било каква физичка активност.
Тоа не е секогаш најдоброто решение, затоа што биле правени истражувања и било докажано зошто кај некои луѓе вежбањето знае да направи таков ефект, но и како тоа да се промени, т.е од вежбање кое предизвикува анкиозност до вежбање коешто ќе ви помогне да ја смирите анксиозноста.
Ајде да го утврдиме коренот на проблемот што ја предизвикува вашата анксиозност при вежбање
“Ќе почнам од тука и најпрво ќе ви кажам дека ваква состојба најчесто се појавува кај оние луѓе коишто претходно имаат историја со панични напади и анксиозност или пак моментално поминуваат низ некои такви состојби. Тоа е така затоа што физичките промени што му се случуваат на вашето тело додека вежбате – отежнато дишење,забрзано чукање на срцето, потење, се многу слични или исти на оние симптоми коишто се појавуваат при паничен или анксиозен напад. Тоа ве враќа на тој начин на размислување затоа што нашиот ум ги памти сите минати искуства и се што е слично пробува да го поврзи за да не заштити во одредена ситуација. Тука разликата е што и вежбањето и паничните напади му прават стрес на нашето тело, но при панични напади “треба” да се браниме, а при вежбање не. Но тоа нашиот ум во тој момент не може да го резонира на тој начин.
На ист начин како што имаме пет сетила за восприемање на надворешниот свет, нашето внатрешно тело има “сетила” кои помагаат и го предупредуваат мозокот да реагира на одредени стимули.”
Исто така стравот од физички ограничувања , може да предизвика вознемиреноста да се зголеми.Посебно ако имаш историја на блиски луѓе или пак слушнеш за некого на вести дека доживеал срцев удар или друг здравствен проблем додека вежбал, тоа знае да предизвика страв дека и тебе ќе ти се случи. Кога пулсот ќе почне да се зголемува, почнува да се зголемува и стравот со загриженост дека е знак за срцев удар. Исто така, ако самата/самиот ти си доживеала здравствен проблем додека си вежбал/а во минатото, се зголемува загриженоста дека може да се повтори.
Која физичка активност е најдобра за сите оние што се соочуваат со анксиозност при вежбање?
Додека некои тренинзи поттикнуваат поголемо согорување калории, а други градат сила, кога станува збор за панични напади и анкиозност нема јасна линија и правила, затоа што е многу индивидуално.
Поголема е веројатноста да се активира анксиозност или паничен напад при интензивни тренинзи бидејќи кардиоваскуларната активност ги зголемува отчукувањата на срцето и крвниот притисок, исто како и симптомите на анксиозност и паничен напад. Се што го зголемува отчукувањето на срцето, го менува ритамот на дишење и предизвикува потење, може да биде потенцијален тригер за таква состојба.
Тоа значи дека најдобрата активност за оние луѓе што им се случува да им се зголемуваат симптомите за време на интензивни тренинзи е некој период да преминат на активности коишто можат да се изведуваат со средно темпо, односно темпо во коешто во секој момент сме сигурни дека можеме да издржиме уште 20-30 минути (пилатес, јога, пешачење, пливање, возење точак, тежински тренинзи без големи оптоварувања и сл.).
Што можеш да направиш за да ја смириш анксиозноста за време на тренинг?
Физичката активност на долг рок има многу бенефити и избегнувањето на истата нема да ти придонесе ништо корисно.
Важно е да се грижиме за нашето ментално здравје одржувајќи ментална хигиена за да знаеме како да се справуваме со нашата анксиозност во многу ситуации надвор од просторот за вежбање. Менталната хигиена вклучува отворена комуникација со најблиските за сопствената состојба, социјализација, помалку седење на социјални мрежи, добар сон, споредување само со себе, а не и со другите и сл.
Исто така многу е важно да научите да дишите правилно доколку се соочувате со анксиозност и панични напади, затоа што многу ќе ви помогне ако знаете како да го смирите дишењето во одредени ситуации, на пример вежбање.
Ако почувстуваш паника или анксиозност додека вежбаш тогаш треба да препознаеш дека можеби е најдобро да направиш пауза толку колку што ти е потребно за да се стабилизираш, да се напиеш вода, да седнеш, да го смириш пулсот.
Зголемената анксиозност што ја чувстуваш во одредени ситуации веројатно има подлабоки корења, па затоа вреди да разговарате со професионално лице што ќе ви помогне да пронајдете стратегии за идентификување и справување на се што ќе ви се појави како тригер на одредени ваши чувства.
Да заклучиме:
Иако постои дефинитвна врска помеѓу двете, самото вежбање не може да предизвика анксиозност или паника без претходен тригер. Наместо тоа физиолошките одговори што се појавуваат може да делуваат само како тригер. Иако оние коишто моемнтално се соочуваат со напади на паника се поизложени да тоа се повтори за време на тренинг, не значи дека не може било кој друг да се најде во таква ситуација.
Високо интензивните тренинзи се кажува дека се најголем поттикнувач на такви анксиозни состојби, но многу е индивидуално и кај некого може да се појави и при помала активност, а на некого напротив дури да му помага да се справува со анксиозна состојба.
Ако научиш кои се твоите тригери и кои техники ти помагаат за да се справуваш со анксиозноста, тогаш си на добар пат да се градиш себе во индивидуа што ќе биде силна и здрава!
Вежбањето е здраво, но исто така треба и да уживаме во него!